Да се надеваме дека некој наскоро ќе успее да направи фузиски реактор што ќе произведува повеќе енергија отколку што троши. Од втората светска војна па наваму, фузиски нето-произведувач на енергија е „светиот грал“ на енергетиката, но веќе 70-и-кусур години таков реактор се најавува за „во следните 20 години“.
Инаку, до сега на светов се изградени 54 токамак фузиски реактори, а од нив моментално активни се 26. Досега најголема јачина од овие „вештачки сонца“ е произведена со реакторот JET (Joint European Torus) во Оксфордшир, Британија - 7 мегаампери. Вториот и третиот токамак според јачина се во америка (со еден експериментира усашката војска, а другиот е на ем-ај-ти), секој од 5 MA. Во следните неколку години, францускиот реактор ITER ќе се обиде да ги надмине овие рекорди, со план да постигнат дваесетина MA. Викаат дека ако успеат во тоа, ќе знаат и да го направат првиот реактор што ќе произведе повеќе енергија од потрошената, т.е. првата рентабилна фузиска електрична централа. Најавата е за 2040, т.е. повторно 20 години од сега.
Фузискиот реактор е теоретски конципиран во 1934 година во САД, од страна на физичарите Хартек и познатиот Ернест Радерфорд, кои воедно биле првите што извеле нуклеарна фузија со рудиментиран мини-забрзувач на честички. Најзначајниот практичен пробив е од 1950, кога советскиот научник Олег Лаврентиев опишал систем на електростатско заробување на плазмата што настанува при фузија. Првиот токамак, Т-1, е упален во СССР кон крајот на педесеттите (точниот датум и година се нејасни. Некои викаат 1958, а други викаат „не, тогаш беше првиот обид, ама не успеа, првото успешно палење беше 1960).