http://www.kurir.mk/makedonija/ekonomij ... razresnica" onclick="window.open(this.href);return false;
До крајот на неделава ќе биде познат поповолниот понудувач на тендерот за Чебрен и Галиште.
Се очекува Владата, по оценувањето на пријавите од двете фирми што конкурираа на последниот тендер за изградба на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“ на реката Црна, да излезе со информација до крајот на неделава, а не по три недели како што беше претходно објавено.
Имено, „Курир“ дознава дека во вторникот Владата ја задолжила Комисијата за спроведување на постапката да прибере дополнителни информации од понудувачите кои недостасувале во тендерската документација. Тие треба да се комплетираат за Владата да може што побргу да ја објави оваа вест, каква и да биде, што сите ја очекуваме, што сите не тангира и не окупира во последниве можеби 15-тина години.
Да се потсетиме дека досега беа објавени три јавни повици за доделување концесија за вода за ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште и за учество во јавно приватно партнерство со АД ЕЛЕМ и тоа на 13 јуни 2006 година, на 19 декември 2008 година и на 28 јануари 2011 година.
Постапката за доделување концесија во првите две постапки беше прекината, додека постапката од третиот јавен повик е во тек и крајниот рок за доставување на понуди беше 15 декември 2011 година. На 15 декември 2011 година, Комисијата за спроведување на постапката изрши јавно отварање на пристигнатите понуди, при што беше констатирано дека понуди доставиле две странски компании.
Consortium CTGPC & China Water Electric од Народна Република Кина понуди 40,5% акции на АД ЕЛЕМ во заедничката компанија, додека Public Power Corporation С.А од Грција понуди 28% на акции на АД ЕЛЕМ во заедничката компанија.
Всушност, овие проценти се еден од главните критериуми што Владата ги бара со тендерските постапки, односно процентите на акциите што фирмата ќе и' ги отстапи на ЕЛЕМ.
Владата не сака и овој тендер да пропадне. Тој што ќе го реши прашањето на изградбата на овие два капитални објекти ќе ја понесе славата. Нивното производство колку-толку ќе биде супститут во домашното производство, за чиј недостаток фрламе огромни пари за увоз.
Цената во кризните години достигнуваше и до 120 милиони евра за годишен узоз. Пред 10-тина дена берзанските цени на струјата достигнаа и до 600 евра за мегават-час, кога беше шпицот на потрошувачката во Европа поради големиот студ.
Министерот за економија Ваљон Сарачини пред неколку дена рече: „Не би сакал да пропадне тендерот. Станува збор за две добри понуди и за проекти што се многу битни за економскиот и за енергетскиот развој на Македонија“.
Капиталните хидриенергетски капацитети не се битни само од аспект на енергетските потреби, туку и од аспект на негувањето на нашата животна средина, особено во актуелнава огромна опасност што ни се заканува од глобалното затоплување, односно за постигнување баланс меѓу економскиот развој во корист, а не на штета на природата и на животот на граѓаните.
Имено, конкретно за капацитетите што произведуваат струја: во Македонија Хидро-производството учествува со само 15% во вкупното производство на електрична енергија во АД ЕЛЕМ и тоа пред сè за задоволување на дневните варијации на потрошувачката.
Владата е под императивот и на зголемување на домашното производство на енергија од обновливи извори. Европските препораки налагаат да се интензивира примената на законодавството поврзано со животната средина и со управувањето со водите.
Бране Стефановски