Тркала и хоризонтален/вертикален стабилизатор PDF Печати Е-пошта
Среда, 24 Јануари 2007 17:41
ТркалаДенес, продолжуваме со текстот посветен за тркалата и хоризонталниот/вертикалниот стабилизатор.

 

 

 

Тркала

Тркалата служат за движење (маневрирање) на авионот на аеродромските површини, како и за безбедно полетување и слетување. Покрај тоа, тркалата врз себеси ја "примаат" целокупната кинетичка енергија на авионот.
Според концепцијата, овие уреди се делат на фиксирани и вовлекувачки, а според нивната поставеност на: класични - со две главни тркала и едно тркало на задниот дел од трупот и "трицикл" со две главни тркала и едно на предниот дел од трупот.
Овие уреди треба да обезбедат безбедно и сигурно "примање" на сите оптоварувања и удари, кои се јавуваат при "возењето" по аеродромските површини, како и при полетувањето и при слетувањето. Притоа, тие обезбедуваат и соодветна амортизација на спомнатите удари.
Во основа "ногата" е составена од следните елементи: корен со уред за вовлекување и извлекување, носечки дел, амортизер, оска на тркалото, бандаж, пневматик.

 

Тркала

 

Хоризонтален и вертикален стабилизатор

Хоризонталниот и вертикалниот стабилизатор, можат да бидат конструктивно решени на неколку начини. Тоа зависи од меѓусебната поставеност, во однос на трупот. Во најголем број случаи се применува еден хоризонтален и еден вертикален стабилизатор кои се поставени - вградени на трупот. Хоризонталниот стабилизатор може да биде поставен на горниот дел од вертикалецот. Во некои случаи имаме два вертикални стабилизатора поставени на краиштата од хоризонталецот или поставување како кај двотрупен авион.
Градбата на хоризонталниот и вертикалниот стабилизатор е идентична со градбата на крилото. Тоа значи дека се состои од нападен раб, излезен раб, раменица, ребра и продолжници. Разликата се состои во тоа што и кај хоризонталниот и кај вертикалниот стабилизатор има два основни дела: Неподвижен (фиксен) и подвижен дел кој на вертикалниот стабилизатор претставува кормило за правец, а на хоризонталецот - кормило за височина.

 

Опашки



Продолжува со Мотори и нивните внатрешни делови.

Автор Стефан Давчевски